Центарот за јавно здравје од Кочани попладнево потврди дека уште кај три деца од Берово, кои биле згрижени во градинката „23 Август“, е откриено присуство на бактеријата салмонела.
Инспекцискиот надзор е завршен, земени се мостри со брис од деца и од други лица, а со новооткриените случаи вкупно пет дечиња се третираат како заболени.
-По комплетирањето на испитувањата на добиените мостри од дечињата кои пред два дена се пожалија на повраќање, дијареа и покачена температура, уште кај три случаја е констатирано е присуство на салмонела. Се прават дополнителни анализи на материјалот, а во текот на утрешниот ден треба да ги имаме конечните резултати кои треба да дадат одговор дали бактеријата потекнува од градинката или пак жариштето треба да се бара на друго место, изјави Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје во Кочани.
Епидемиолог од Центарот заедно со санитарен инспектор направиле комбиниран инспекциски надзор во Берово, при што од неколку локации и од лица биле земени мостри за кои е направено лабораториско испитување.
Пред два дена здравствените институции беа известени дека повеќе деца имале здравствени проблеми со симптоми на труење. Од детската градинка излегоа и со писмено известување до родителите да не ги носат децата во институцијата ако забележат промени во нивната здравствена состојба, како и да се консултираат со матичен лекар.
фото: МИА