По повод Денот на деловна соработка меѓу Унгарија и Македонија, денес во Будимпешта беше организиран настан на кој учествуваше и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, каде пред претставници на унгарската бизнис заедница ги презентираше инвестициските потенцијали и можностите што ги нуди државата и ТИРЗ за странските инвеститори.

Воведни обраќања на настанот имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања на Унгарија, Јанос Бока, кои ја истакнаа важноста од унапредување на економската соработка и продлабочување на партнерството меѓу двете земји. Премиерот Мицкоски нагласи дека директната комуникација меѓу компаниите е клучна за создавање нови деловни модели, за отворање пазари и за генерирање одржлив економски раст. Во таа насока, премиерот Мицкоски упати јасна порака до деловната заедница дека Македонија е отворена за инвестиции и партнерства, нудејќи поволни услови, стратешка географска позиција и квалификувана работна сила. Тој ги охрабри унгарските компании да ги разгледаат можностите за инвестирање во земјата, но истовремено потенцираше дека македонските компании се подготвени да ги прошират своите активности и на унгарскиот пазар.

Во своето излагање, директорот Димовски се осврна на поволната бизнис клима, конкурентните услови за инвестирање и активната институционална поддршка што им се обезбедува на компаниите во технолошко индустриските развојни зони. Тој посочи дека државата нуди стабилна и предвидлива деловна средина, како и конкретни механизми за поддршка во сите фази од инвестицискиот процес.

Посебен акцент беше ставен на потенцијалите за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, како и на можностите за реализација на нови инвестиции, особено во сектори со висока додадена вредност.

Дополнително, во рамки на настанот беа реализирани и повеќе директни средби со компании, при што беа разменети информации и иницирани конкретни можности за идна соработка.