Министерството за локална самоуправа информира дека Уставниот суд ја отфрлил иницијативата и потврдил дека свечените изјави на конститутивната седница, членовите на советите на општините ги даваат и ги потпишуваат со уставното име на државата.
-Со отфрлањето на иницијативата, Уставниот суд го потврди мислењето на Министерството за локална самоуправа доставено до општините дека свечените изјави на конститутивната седница, членовите на советите на општините ги даваат и ги потпишуваат со уставното име на државата. Со ова и формално се потврдува дека одбивањето на некои членови на општинските совети свечената изјава да ја дадат и да ја потпишат со уставното име на државата е спротивно на Уставот на РС Македонија и на законот за локалната самоуправа, велат од Министерството за локална самоуправа.
Со Решение, Уставниот суд на РСМ ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за локалната самоуправа коишто се однесуваат на името на државата, со што и формално е потврдено дека и покрај тоа што во Законот за локалната самоуправа стои „Република Македонија“, затоа што Законот е донесен во 2002 година, согласно член 2 став 1 од Уставниот закон за спроведување на амандманите на Уставот, при примената на прописите и другите акти на државните органи се користи уставното име на државата.
Иницијативата беше поднесена за оценување на уставноста на деловите од Законот за локалната самоуправа каде што стојат зборовите „Република Македонија“, информираат од Министерството за локална самоуправа.