Словенечкиот Уставен суд денеска привремено ја суспендираше владината одлука за задолжително вакцинирање на државните службеници, со образложение дека се кршат нивните работнички права.

Неколку синдикати побараа ревизија на уставноста на одлуката дека на вработените во државната администрација од утре ќе им треба потврда дека се вакцинирани против Ковид-19 со најмалку една доза или дека ја прележале болеста.

Синдикатите тврдат дека на оние што одбиваат им се заканува отказ, а Владата тврди дека ова е привремена мерка за заштита на здравјето и нормалното функционирање на државата.

Уставниот суд оцени дека одлуката може да доведе до раскинување на договорот за вработување. „Тоа би значело не само влошување на положбата на вработените, туку би ги загрозило нивните работнички права“, се наведува во образложението на судот.

Суспендираната одлука, која наиде на негативни критики во јавноста, ќе опфати околу 130.000 луѓе кои требаше да ја примат барем првата доза на вакцината до 1 октомври и втората до 1 ноември за да можат да работат.

Владата планираше со текот на времето да ја прошири обврската на други категории на население за да го зголеми бројот на вакцинирани на 70 проценти од населението.