Владата на денешната 148. седница ја усвои Информацијата за започнување на реализација на нов Универзитетски Клинички Центар на гринфилд локација во Скопје и го задолжува Министерството за здравство како договорен орган да ја спроведе постапката за јавна набавка.
За потребите и реализација на новиот Универзитетски клинички центар на гринфилд локацијата во Општина Ѓорче Петров од аспект на изведба на инфраструктурни објекти и водови, Министерството за здравство поведува иницијатива за поддршка од надлежните институции (министерства, агенции и органи на извршната власт, општините во Град Скопје и Град Скопје), преку јавните претпријатија во чија надлежност се истите, да ги согледаат можностите за изготвување на потребна документација со техничко решение за изведба на инфраструктурните објекти и водови и со тоа да дадат свој удел во реализацијата на проектот за нов Универзитетски клинички центар на гринфилд локацијата, соопшти владината прес-служба.
Изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје, како што се посочува, треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава.