Утре (четврток), во 18.00, Порта Џез – Битола, промоција на романот ХОТЕЛ МЕЃУ ДВЕ ВОЈНИ – Александар Русјаков
Арс Ламина
– Нијази – бег ги повика Македонците да ни се приклучат. Јас треба да остварам средба со нив.
Нијази – бег од Ресен, водач на Младотурците во Македонија.
– Нијази бег спомена нешто интересно во прогласот до Македонците – зборува Мустафа – И јас тоа често го споменувам. Пишува, штом Импреријата ја напушти Македонија, таа ќе биде распрачена од соседите.
Слушајќи го како често гласно размислува за политика која секогаш ми создава мачнина читајќи за неа во весниците, бидејќи е несеризона занимација на оние што не умеат да го уредат ниту просторот околу себе, а не пак нешто повеќе, со страв помуслувам дека Мустафа еден ден ќе заврши во прегратките на нејзиното празнословие.
Мустафа во ноќите мисли на мене. Иако се обидува да ме избрка од мислите барајќи ги сите можни расплети на заплетените односи во овој дел на Империјата каде врие и полека се чувствува револуција во воздухот. Залудно, јас му се плеткам во сите тие расплетувања и сосема му ги замрсувам соништата.
– И што мислш? Ќе смени ли нешто таа ваша револуција, а Мустафа? Оти те гледам сосема си задуман во сета таа комплексна будалаштина.
Така му зборува Али Фети.
– Молам? – прашува Мустафа како штотуку да го разбудиле.
– Ете, сосема си изгубен, не ме ни слушаш.
– Те слушам.
– Е па одговори ми на прашањето.
– Одговорот е да.
– Што, да?
– Да, вљубен сум во неа.