Утре е Собор на 12 апостоли (Павловден), а именден празнуваат Павле, Павлина…
Следниот ден по Петровден 13 јули/ 30 јуни е празникот Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.
На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и сл. иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.
Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.
Во некои краишта, на пр. во Гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен. Се празнувало поради град.
Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Секʼде заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Овʼј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? -Ами Павле је болен- рекол,- та му го копʼм гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт.“
(Подготви Марко Китевски)