УТРЕ ГО СЛАВИМЕ СВЕТИ ТРИФУН: Исцелител и заштитник на лозарите и на градинарите

/ 13.02.2021

Православните верници утре го слават големиот христијански празник Свети Трифун.

Роден е во малоазиската област Фригија во Мала Азија. Уште од рано детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој на изненадување на своите современици имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Некоја необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед.

Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан. Тој имал необично убава ќерка и поради нејзината убавина многу кнезови ја проселе за своите синови. Но се случило несреќа да оваа убава принцеза душевно се разболи. При страшните настапи на болеста таа многу пати сакала да се фрли во оган или вода. Ниеден лекар не можел да и помогне и да ја излечи. На девојката и е откриено дека единствено може да ја излечи „детето Трифун“. Злобниот дух од девојката тогаш проговорил велејќи дека него никој не може да го истера-освен Трифун.

После многу Трифуни од царството и овој Трифун го повикале во Рим да ја исцели царевата ќерка. Царот го дарувал многукратно, а Трифун сите подароци им ги разделил на сиромашните.

Кога на власт дошол царок Дециј, Свети Трифун е мачен поради следбеништвото на Христос, а сите мачења ги поднел со голема радост. Бидејќи ниедна мака не му наштетила, мачителите му ја отс*кле главата со меч. Пред своето заминување од овој свет Трифун му се помолил на Бога и го напуштил во 250 година.

Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот и го пренеле во неговото родно место. Еден дел од светите мошти денес се наоѓаат во Москва во храмот посветен на Светиот маченик Трифун. Православната Црква го слави како исцелител, кој се удостоил на маченичкиот венец.

Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари. Денеска неговиот ден се празнува од страна на лозарите, градинарите на 14 февруари според грегоријанскиот календар.

На овој ден лозарите приредуваат и ручек и ги повикуваат и случајните минувачи, бидејќи се смета дека на домаќинот и целата куќа тоа ќе му донесе среќа.


Од истата категорија