Сите учесници во утрешниот масовен протест во Струмица со себе да понесат стари метални садови, дајриња, тарабуки, тапани, труби и усни свирчиња, повика организаторот на протестот, граѓанската организација „Здрава котлина„.

Создавањето на силната бучава ќе биде чин на несогласување на ставовите на сите досегашни учесници кои се инволвирани во постапката за издавање на концесии за отворање на рудник во Иловица, порачаа од организацијата.

Истовремено забранија во утрешната блокада се носат транспаренти, маици или капи со партиски симболи, но и да се скандираат партиски слогани, со цел протестот да не добие политичка конотација. Масовната протесна блокада доаѓа по информацијата дека Владата ги споила двете концесии и со тоа се создават услови за отворањето на рудник за злато и бакар во срцето на планината Огражден. Жителите на струмичката котлина се категорични, дека тоа би значело смрт за плодното поле.

Министерката за животна средина Каја Шукова најави присуство на протестот против рудникот во Иловица, кој е закажан за утре во Струмица, по информацијата дека Владата ги споила концесиите за експлоатација на минерална суровина и на руда на бакар и злато.

Шукова кажа дека досега до министерството не е пристигнато барање за отпочнување постапка за оценка на влијание на проектот врз животната средина, но рече дека во меѓувреме се консултирале со професори запознаени со проблематиката и како Влада ќе бидат многу внимателни во целиот процес..

Точно е дека донесе владата одлука за спојување на концесиите, тие беа веќе две издадени концесии со ова спојување немаше проширување на концесискиот одпад. Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните, ако можам да го изразам мојот личен став и јас сум исто така против нови рудници во државата. Јас ќе се придружам утре, ќе бидам утре во Струмица , сакам да ги слушнам граѓаните. Ние сме мала држава, мислам дека земјоделието треба да е приоритет и треба да бидеме многу внимателни кога даваме дозволи за експоатација на тешко загадувачка индустрија.

На изјавата на Шукова реагираа од концесионерот „Еуромак Ресоурсис“. Велат дека се загрижени што процесот повторно се внесува во контекст на дневно-политичката агенда и стравуваат дека ставоите на министерката прејудицираат дека може да одлучува субјективно и пристрасно кога ќе го добие дополнувањето на елаборатот..

-Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување на лични ставови. Облигациониот однос меѓу Еуромакс Ресоурсис и Владата е државна работа која произлегува од правно валидни акти потврдени со одлуки на Суд, а не приватен и личен однос меѓу случајни познаници. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека генерално е против рудници. – стои во реакцијата на компанијата- – Еуромак Ресоурсис.

Утрешниот протест во Струмица го организираат од иницијативата „Здрава котлина“, кои остануваат на ставот дека евентуалното отворање на рудникот ќе има штетни последици по здравјето на луѓето, животните и растенијата.. Од друга страна, концесионерот уверува дека инвестицијата е во најдобар интерес за државата и дека е вин-вин сценарио за економски развој, нови работни места, приход за граѓаните и безбедна животна средина.