Семејствата на загинатите и преживеаните од автобуската несреќа во Бугарија побараа паралелна истрага за утврдување на причините за трагедијата која го потресе регионот. Истражителите од Перник од утре повторно ќе прават увид на местото, ќе го анализираат патот, знаците, кривините и какво било одржувањето на патниот правец.

Според адвокатот, кој ги застапува оштетените, кобната делница од автопатот Струма, каде се случи несреќата, сега изгледа поинаку. во меѓувреме, тој изјави дека агенцијата за патишта направила некои измени во однос на ознаките .Како што вели тој, нема да се испитува само местото туку и неколку километри пред и потоа за да се добие реалната слика за состојбата на патот.

Оштетените семејства велат дека вината не може да биде само кај возачот на автобусот на Беса Транс, а одговорност бараат и кај Агенцијата за патна инфраструктура.

Адвокатот смета дека сето ова точно ќе покаже што претходно недостасувало на оваа делница и дали тие недостатоци биле главна причина за да настане несреќата.

Семејствата исто така поставуваат прашања за тоа што се случило со личните предмети на загинатите, бидејќи како што тврдат тие, патниците на себе носеле вреден златен накит кој никаде не е регистриран ниту пак некој им го предал.

Истрагата од декември покажа дека главна причина за настанатата катастрофа била брзината која не соодвестувала со условите на патот.

Предистрагата во македонското обвинителство кое треба да утврди како автобусот на Беса транс успеал со фалсификат документи да ја мине државната граница повеќе од 120 пати веќе трае со месеци.