Постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на КОВИД-19 истекуваат утре, а се очекува денеска Комисијата за заразни болести да ја анализира епидемиолошката состојба по што ќе биде одлучено дали ќе има нови мерки за време на претстојните велигденски празници.

Во случај на потврдување на трендот на опаѓањe на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица, како што беше најавено минатата недела, Кризниот штаб ќе разгледа опција за отворање на угостителските објекти за посетители во отворениот дел од објектот, односно на летни тераси, градини. Во период од 27 април до 15 мај 2021 година, забраната за движење наместо од 20 да биде од 21 часот до 05 часот наредниот ден, да се дозволи организирање спортски тренинзи од страна на фитнес центри/клубови на отворен простор, наместо во затворена спортска вежбална/сала, како и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.

Од Кризниот штаб минатата недела наведоа дека предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозараени и хоспитализирани лица, за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од КОВИД-19 и активните протоколи за функционирање во услови на КОВИД-19.

Според министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, а мерките дадоа резултат.

и.

-Сепак, искуството ни покажа дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките. Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита, објави вчера Филипче на својот фејсбук профил.

Има, посочи министерот, многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот.

-Од следната недела пристигаат поголеми количини на вакцини и ќе ги подигнеме капацитетите за вакцинација на максимум. Ве уверувам дека брзо и ефикасно ќе вакцинираме со цел што побрзо граѓаните да стекнат имунитет. Од вас единствено барам почитување на јасно пропишаните мерки кои ќе не заштитат од евентуален нов бран после празниците, напиша Филипче.

Министерот Филипче во петокот изјави дека 200 000 дози од вакцината „Синофарм“ треба да пристигнат околу 28 април.

– Добивме листа од компанијата „Фајзер“ со која ни беше презентиран распоредот со кој ќе стигнуваат останатите количини во мај. Секој понеделник меѓу 5000 и 7000 вакцини, околу 26 000 се предвидени да стигнат во текот на целокупниот месец и тоа ќе биде една количина која ќе испланираме како ќе биде дистрибуирана ширум државата, истакна Филипче.

Досега се вакцинирани 44 974 граѓани, а за вакцинација се пријавени 192 459 граѓани. Се очекува имунизацијата поинтензивно да продолжи да се спроведува по велигденските празници.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 314 случаи со КОВИД-19, 27 починати и 557 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 16858, од кои 7597 се во Скопје.

На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1507 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот од кои 587 пациенти во Скопје.