По трагичната несреќа која се случи изутринава на магистралниот пат Прилеп-Битола во која загинаа три медицински лица од Прилеп, двајца лекари и радиолошка техничарка, претседателот на Советот на општина Прилеп за 18 часот закажа вонредна седница на Советот со единствена точка на дневниот ред – Предлог-одлука за прогласување на ден на жалост во Прилеп. Согласно предлогот, утрешниот ден, петок 4 октомври ќе биде прогласен за Ден на жалост.
Во несреќата загинаа Александар Ристески, специјалист радиолог, гинекологот Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска кои долги години работеа во битолската болница Плодност. Несреќата се случила при судир на патничко моторно возило „тојота“ во кое биле медицинските лица и товарен камион. Поради силината на ударот избил пожар.