Скопје утринава влезе во топ три најзагадени градови во светот, а според мерењата на апликација Ај-кју-ер, покрај во Скопје, големо загадување има и во Кочани, Кавадарци, Куманово, но и Гостивар за каде од денеска почнаа да важат мерките и препораките против загадувањето на воздухот, кои Владата вчера ги усвои за Скопје, Кавадарци, Кичево и Струмица.

Татјана Стојановска од граѓанското здружение Го Сакам Водно за тв24 вели оти главниот проблем е што годинава се скратени буџетските средства за борбата против аерозагадувањето. 

На сметка на загадениот воздух кој го дишат граѓаните продолжија и препукувањата на власта и опозицијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, власта во последните седум години не инвестирала во животната средина, додека од СДСМ обвинуваат оти опозицијата за 14 месеци градска власт во Скопје не придонела со ништо за да се заштити здравјето на граѓаните. 

Препораките и мерките против загадувањето кои беа донесени вчера, а денеска беа проширени за уште еден град, се однесуваат на тоа да се се ослободат од работа хронично болните, да се реорганизира работното време за лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.