Бројот на загинати во пожарот што зафати неколку станбени висококатници во Хонг Конг се зголеми на 65 лица, соопштија локалните служби за итни случаи.
Уште 70 лица се повредени во пожарот во областа Тај По, вклучително и 10 пожарникари. Точниот број на исчезнати не е познат, иако властите претходно проценија дека 279 лица се водат како исчезнати.
Седум од осумте висококатници во станбениот комплекс Wang Fuk Court, во кој има 2.000 станови, се запалија вчера попладне по локално време.
Огнената стихија ја гаснат повеќе од 1.200 пожарникари.
Иако пожарите моментално се главно под контрола, противпожарната бригада денеска соопшти дека сè уште има пламени јазици во три од висококатниците.
Иако властите допрва треба да ја утврдат причината за пожарот, 32-катните згради биле обложени со бамбусови скелиња за реновирање, што најверојатно му овозможило на огнот побрзо да се прошири.
Полицијата уапси тројца мажи од една градежна компанија под сомнение за убиство од небрежност.
Властите соопштија дека материјалите што се користеле за работата можеби не биле во согласност со прописите за заштита од пожари, пренесе ДПА.
Шефот на владата на Хонг Конг, Џон Ли, нареди инспекција на сите згради кои се подложени на поголемо реновирање на територијата која е еден од двата специјални административни региони на Кина, заедно со Макао.
Фото: ДПА




