Британските министри планираат да поделат милиони тестови за антитела на новиот коронавирус откако верзијата на тестот, поддржан од британската Влада, ги помина првите големи анализи.

Тоа е тест што анализира крв од прст за 20 минути и открива со 98,6 проценти точност дали некое лице било изложено на вирусот САРС-КоВ-2. Ова го покажаа тестовите спроведени врз луѓе во јуни.

Тестот беше развиен од британски компании за дијагностицирање, собрани во конзорциумот UK Rapid Consortium  и универзитетот Оксфорд.

„Се покажа дека тестот е 98,6 проценти точен и тоа е многу добра вест“, рече Крис Ханд, шеф на UK Rapid Consortium .

Претходните тестови за антитела достапни во Велика Британија вклучуваат испраќање примероци од крв за анализа исклучиво во лаборатории, што трае со денови.

Регулаторно одобрување се очекува во следните неколку недели, а десетици илјади прототипови веќе се произведени во фабриките низ целата земја.

Министрите се надеваат дека тестот познат како AbC ќе биде во масовна употреба пред крајот на годината. Најверојатно ќе бидат бесплатни и ќе се порачуваат преку интернет.