Во македонското древно светилиште, Бигорскиот манастор и неговиот метох, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, денеска заврши втората смена од годинешниот Летен капм по веронаука.
– Со молитва и дружба, послушанија и забава, помина и вториот летен камп по веронаука во нашите свештени обители Бигорски и Рајчица. Децата имаа можност пет дена, преку разни активности и часови по веронаука, да учат за основите на спасителната Христова вера, но и да се исповедаат и причестат со светите Христови Тајни. Тие исто така, дознаа и нешто повеќе за историјата на Охридската архиепископија и на Бигорската Обител, вели отец Кирил.
Децата го посетиле и најпознатото мијачко село Галичник, за кое многу слушале, посебно за манифестацијата Галичка свадба, но само неколку од нив до сега го посетиле.
– Се запознаа со духот и дејците на македонската преродба. Научија по нешто за галичките великани: Митрополитот Партениј Зографски, преродбеник, филолог, учител, првиот наш учебникар, Арсениј игуменот Бигорски, кој го отворил првото народно училиште во Галичник кај црквата Св. Петка; Ѓорѓија Пулевски, отец Овентиј Фрчковски а секако ја посетија и црквата„Свети Петар и Павле“ каде на вечна љубов се заколнуваат галичките младоженци, посочува отец Кирил.
Децата и овој пат се дружеа со монасите и монахињите, а беа примени и од игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј.
Во изминатите пет дена манастирски гости беа деца од Битола и Велес. Третата смена од годинешниот летен камп почнува в понеделник со педесетина деца од Струмица, Кочани, Скопје и од Прилеп.
Летниот камп е во знакот на големиот јубилеј „1000 години Охридска Архиепископија“.