Од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност, е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните области, а во исто време ЕУ и нејзините држави членки мора ги исполнат своите обврски, целосно да ја поддржат земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да напредува во исполнувањето на сопствените обврски – нагласува известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за напредокот на државата, кој следната недела на 26 февруари ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).
Ова ќе биде втор извештај за земјата од 2022 година по тој минатата година, кој беше усвоен од ЕП. Вајц во појаснувачката изјава во нацрт-извештајот нагласува дека оваа година има чест да го презентира својот втор извештај за Македонија и додава дека документот има цел да обезбеди балансирана и објективна оценка на напредокот на земјата во процесот на пристапување и во согласност со воспоставената пракса се подготвува како одговор на пакетот за проширување на ЕК за 2025 година.
– С. Македонија моментно се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност – вели Вајц.
Тој посочува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Смета дека е потребно и итно зголемување на политичката волја од двете страни за да се надмине овој ќор-сокак.
Вајц нагласува дека во време на големи промени во меѓународниот поредок, особено поради војната на Русија против Украина, ненадејната неизвесност во врска со иднината на трансатлантската алијанса и пошироките закани за меѓународниот поредок базиран на правила, од суштинско значење е Европа да остане обединета.
– Во овој геополитички контекст може да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување. Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа од суштинско значење е сите политички актери во С. Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области, без понатамошно одлагање – нагласи Вајц.
Тој истакнува дека напредокот на реформите во областа на владеењето на правото не е важен само за приближување кон членство во ЕУ, туку е клучен и за изградба на просперитетна и отпорна држава, која им служи на сите граѓани.
– Функционално владеење на правото и предвидлива, доверлива инвестициска клима – се предуслови за одржлив економски развој. Исто така, тоа ќе овозможи земјата и нејзините граѓани целосно да имаат корист од постепените интеграциски процеси и проекти што ги нуди Европската Унија – вели Вајц.
Во исто време, ЕУ и нејзините држави членки, додаде Вајц, исто така мораат да ги исполнат своите обврски.
– Мораме целосно да ја поддржиме земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнеме на С. Македонија да напредува во исполнувањето на сопствените обврски и да ги надмине постојните пречки. Што се однесува до оваа институција, како и во претходниот извештајен период, останувам посветен на поттикнување постабилно, поконструктивно, поевропско, подемократско и попроширувачко мнозинство во поддршка на пристапувањето на С. Македонија во ЕУ. Очекувам да ја обезбедам поддршката на сите пратеници што ја споделуваат оваа стратешка цел – смета Вајц.
Нацрт-извештајот ќе ги помине сите филтри во ЕП пред да дојд на пленарна седница, а во тој процес може да претрпи амандмански измени, поради што неговата конечна верзија ќе биде позната по минувањето на сите фази во ЕП.
Во нацрт-извештајот се изразува целосна поддршка за посветеноста на земјата кон членство во ЕУ и за посвтеноста на македонските граѓани за интеграција во ЕУ, но се препорачува дека е потребно обновување на политичката посветеност, вклучително уставните измени, конструктивна меѓупартиска соработка и ефективен парламентарен надзор за напредок на реформите.
Во однос на медиумите и граѓанското општество, се наведува дека е потребно подобрувања во насока на поголема слобода и независност на медиумите, борба против дезинформациите и вклучување на граѓанското општество во реформите.
Генералната рамка во однос на основните права е во голема мера на задоволитено ниво, а се посочува дека се потребни подобрувања во областа на родовата еднаквост, правата на немнозинските заедници, лицата со попреченост и ЛГТБ-заедницата.
Во областа на владеењето на правото, во нацрт-извештајот се наведува дека политичката поларизација, ограничената меѓупартиска соработка и намалената јавна доверба во институциите продолжуваат да влијаат на спроведувањето на реформите, особено во клучните реформи, кои се однесуваат на правосудниот систем и на борбата против корупцијата.
Во нацрт-извештајот, во делот за социјално-економски реформи, се поздравуваат првите чекори во спроведувањето на реформската агенда, но се се наведува дека се потребни дополнителни напори, на пример, за активирање на пазарот на труд.
Во однос на животната средина, биодиверзитетот, енергијата и транспортот, се поздравува напредокот поврзан со Законот за енергетиката и коридорите 8 и 10, а се посочува дека се потребни повеќе инвестиции во транспортот, енергетската инфраструктура и во законодавство за животната средина.
Во делот за регионалната соработка и надворешната политика се поздравуваат конструктивното учество на земјата во регионот и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ и се повикува на доследна посветеност на дијалог и соработка со соседните земји.
По презентирањето на нацрт-извешајот на 26 февруари, документот во периодот март – април ќе биде разгледан од сите политички групи по што следува гласањето за него во АФЕТ во мај, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза.
ЕП лани во јули со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои првиот извештајот на австрискиот европратеник Вајц за Македонија за 2023 и 2024 година, но во него не беше содржана формулацијата македонски идентитет и јазик.
Во писмена изјава, по гласањето, Вајц посочи дека земјата е предводник во регионот покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи.
– Но нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови поттикнувајќи ја јавната фрустрација, но и разочарување од ЕУ – посочи Вајц во изјавата. ац/са/
Фото: архива




