Дионтеј Вајлдер (42-0-1, 41 КО) ја оствари својата десетта последователна одбрана на титулата во Светскиот боксерски совет, нокаутирајќи го Луис Ортиз (31-2, 26 КО) на крајот од седмата рунда во нивниот долгоочекуван реванш во Лас Вегас.

„Бронзениот бомбардер“ само еднаш го пронајде својот противник со моќен удар со десната рака, но доволно беше да го испрати на земја и да не го „преживее“ одбројувањето на судијата Кени Бејлис.

По натпреварот, Вајлдер објави дека неговиот следен дуел ќе биде уште повозбудлив за навивачите – реванш против Тајсон Фјури.

– Секако, реваншот со Фјури е следниот меч, се договоривме во февруари. Потоа, ќе следи обединувачки натпревар за сите титули, затоа што сакам да има само еден шампион. Тешката категорија е премногу тесна за толку многу шампиони, и тоа е збунувачки за навивачите, ќе има само еден шампион, само едно лице, само едно име, изјави тој.

Во однос на Ортиз, Вајлдер смета дека тој е еден од најдобрите боксери во светот.

– Поради тоа му дадов шанса повторно да се соочи со мене. Ги повикувам другите боксери во дивизијата да не го избегнуваат, тој е многу интелигентен и опасен борец. Јас сум исто така интелигентен боксер и така го одиграв натпреварот. Го чекав цело време и конечно го најдов вистинското растојание за да го преземам решавачкиот удар, објасни Вајлдер.