На Фејсбук групата „Здравство“, се споделува фотографија со реакција за оброк составен од печени или пржени пиперки со парче сирење, кој бил даден за двегодишно дете кое лежи во детската болница Козле.
„Тотална негрижа.
Веќе не тонеме, ПОТОНАТИ сме на дното.
КАТАСТРОФА!“, пишува на групата, над фотографијата.
Родителите кои се придружба на децата кои се хоспитализирани во Козле реагираат на условите во болницата.
-Лебот го носат незапакован, парчиња леб во послужавник. Храната исто незапакувана, ти ја носат во чинија, приборот за јадење тотално нехигиенски ти го даваат. Сепак тоа се деца кои се болни, со слаб имунитет. Топла вода буквално ловев за да можам да се истуширам и да го истуширам детето за мојот десетдневен престој во болниците. Чаршафите се стари, искинати, со дуоки, огромни флеки. За викенд обично доктор не влегува, чест на исклучоци, односно ретки се оние доктори кои за викенд ќе влезат да поразговараат со родителот и да го видат детето. Хигиеничарка за викенд тоалет нема шанси да исчисти. И сето тоа родителот го чини 1 000 денари од вечер. За 10 дена поминати во болница со своето дете плаќаш 10 000 денари за родителот, плус партиципација за детето – под 14 000 денари нема шанси. Е тоа е бесплатното здравство. Ако немаш пари ќе си седиш со болно дете дома. А никој кога те хоспитализира не ти кажува дека тоа скапо ќе те чини. Може да се најдеш во непријатна ситуација да вртиш телефони денот кога те пуштаат дома за да позејмиш пари да платиш – вели мајка на детенце кое неодамна било хоспитализирано во Козле.