Министерството за здравство соопшти дека до вчерашниот ден се закажани 20.069 граѓани за бесплатна вакцинација за наредните денови во трите поликлиники Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров во рамки на Здравствениот дом во Скопје и низ центрите за јавно здравје во целата држава.
Од Министерството наведуваат дека вакцини против сезонски грип има и дека в понеделник следува нов пресек со состојбата за закажаните термини за бесплатна вакцинација, а ќе се пуштат и сите останати термини.
Здравствените установи се добро организирани и има одѕив од граѓаните за вакцинација. Во моментов има доволно количини на вакцини за сите оние кои сакаат бесплатно да се вакцинираат. Дополнително, треба да пристигнат и 14.400 дози од вакцините, посочуваат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат против сезонски грип, за да го заштитат своето и колективното здравје.