Во спортската сала во Врање и денеска има голем број граѓани на Македонија за вакцинација, јави дописникот на МИА од Белград.
Поради големиот интерес на македонските граѓани за вакцинација без закажување пред спортската сала во Врање поставени се чадори и резервоар за вода. Редици се формираа веднаш по отворањето на главниот пункт за вакцинација, а поради гужвата деновиве, бројот на медицински работници во спортската сала е зголемен.
Бесплатната вакцинација за македонските граѓани почна на 5 јуни и ќе продолжи во наредниот период, соопштија од Здравствениот центар во Врање. Оттогаш, според нивните податоци, вакцинирани се 2.218 граѓани, односно над 3.323 од почетокот на имунизацијата, што претставува повеќе од 10 отсто од вкупната вакцинација во Врање. Вчера, бројот на вакцинирани граѓани од Македонија беше 692 лица.
-Оваа акција ќе продолжи и во наредниот период, истакна директорката на Здравствениот центар во Врање, д-р Љиљана Антиќ. Информира дека најмногу се вакцинираат со вакцините на „Синофарм“, а во помала мера со „Фајзер“.
Покрај Врање, бесплатната вакцинација денеска продолжи и во Ниш. Како што јавија „Нишке вести“, пред салата Чаир има ред на македонски граѓани за вакцинација.
Од Здравствениот центар во Ниш потврдија дека вакцинацијата ќе продолжи и во наредните денови. Повеќето од македонските граѓани се одлучиле да ја примат вакцината на „Фајзер“.
-Секој ден очекуваме меѓу 50 и 100 лица од Македонија. Во моментов, нема гужва и ако се појави поголем интерес за вакцинација, ќе ги засилиме тимовите, изјави Милорад Јеркан, директор на Здравствениот центар во Ниш.
Голем број Македонци се очекуваат за десет дена кога треба да пристигнат за ревакцинација оние што пред три месеци се вакцинираа со вакцината на „Астра зенека“.
-Сите оние кои пред три месеци беа да ја примат Астра/Зенека треба да дојдат од 18 до 21 јуни на ревакцинација. Тоа е акцијата кога Регионалната стопанска комора организираше вакцинирање на македонските бизнисмени. Тогаш очекуваме 5700 луѓе. Никој што ќе дојде од Македонија, нема да биде вратен без вакцина. Важно е само оптоварувањето на здравствените домови во Лесковац, Врање и кај нас, да биде рамномерно, порача директорот на Здравствениот центар во Ниш.
Вчера, Регионалната стопанска комора на Крушевац организираше вакцинирање на 100 вработени од компанијата „Кромберг и Шуберт“ од Македонија.