Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, во телефонски разговор со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, порачал дека двете земји се доверливи пријатели и добри партнери.
Најважната задача за двете страни е да продолжат да го спроведуваат важниот консензус постигнат од двајцата шефови на држави и да го промовираат континуираниот развој на кинеско-руското сеопфатно стратешко партнерство“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Во текот на разговорот, Ванг истакнал дека Пекинг и Москва треба да продолжат да го промовираат процесот на мултиполаризација на светот и демократизацијата на меѓународните односи. Дипломатите размениле мислења и за украинската криза, а шефот на кинеската дипломатија рекол дека Пекинг ќе има независен и непристрасен став и дека ќе биде објективен и рационален глас. Ванг изјавил дека Кина активно ќе ги промовира мировните преговори и ќе бара политичко решение во секоја прилика.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, меѓу другото, се наведува дека во текот на разговорите имало „отфрлање на конфронтирачката политика на западниот блок кон Русија и Кина и обидите нивниот развој да се заузда со санкции и други нелегитимни методи“.
Во соопштението се додава дека позитивно е оценет конструктивниот дијалог и високото ниво на соработка меѓу двете земји во рамките на Обединетите нации, БРИКС, Шангајската организација за соработка, Г20 и другите меѓународни структури.