Ракометарите на Вардар се вториот финалист во Купот на Македонија откако во полуфиналниот натпревар во СЦ „Билјанини извори“ во Охрид триумфираа против Алкалоид со 31-22.

„Вардарци“ од самиот почеток на мечот презедоа контрола на натпреварот сакајќи со време да ја осигураат победата, па на полувремето дојдоа до предност од 14-9.

Најефикасен во победничкиот тим беше Манасков со 12 гола, а Георгиевски постигна шест погодоци, а Томовски беше одличен на голот со 17 одбрани кај „црвено-црните“. Мартин Серафимов кај Алкалоид запиша шест погодоци.

Во 30-то издание на ракометниот Куп на Македонија во финалето ќе играат Вардар и Еурофарм Пелистер. Вардар во своето 22-ро финале во Купот ќе го брка 16-от трофеј.