Уставните измени мора да се случат. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, се обрати до опозицијата, која е децидна дека нема да гласа за промена на Уставот, да докажат дека се посветени да се случи членството на Македонија во Европската Унија, пренесува скопска Република.

„Во врска со уставните измени, мислам дека е јасно дека тие мора да се случат. Постои јасна посветеност, не само од Владата туку и од Собранието. Токму поради тоа кажав дека ова е најдемократскиот начин да се добие мандат за Владата. Затоа што, уредувањето на францускиот предлог вклучува дел од компетенциите на Собранието. Затоа беше важно да се слушне Собранието и Собранието јасно покажа дека се подготвени за вакво нешто“, кажа Вархеји.

Тој изрази надеж дека и опозициските партии, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои кажаа дека нема да гласаат уставни измени, а без кои нема мнозинство, ќе се вклучат во работата за европска иднина.

„Искрено се надевам дека сите партии, вклучително и опозицијата ќе работат за европската иднина, дека нема да започнат со контроверзии и предизвикување емоции кои нема да ја носат земјата напред. Емоции кои нема да резултираат со ништо битно во земјата. Ја повикувам опозицијата, а имав прилика да видам како се надминаа границите на европски вредности. Но се надевам дека со оваа одлука денес, можеме да свртиме нова страна и да работиме, Македонија да стане земја членка. Ги читав изјавите на опозицијата, тие секогаш тврдат дека се посветени да се случи ова членство на земјата. Ајде да го докажеме тоа“, додаде Вархеји.

Во врска со извештаите кои се бараат со францускиот предлог, а се однесуваат на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија, Вархеји даде свое објаснување.

„Извештаите на Комисијата се годишна активност. И можеби медиумите не го откриле тоа, но известуваме за овие прашања, добрососедските односи, со сите земји кои пристапуваат. Самото по себе, известувањето постои за да ги презентира фактите, не само за земјите членки туку и јавноста“, додаде тој.