Бришењето на предметот историја доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот, Власта која сака да ја смени историјата, многу брзо ќе биде сменета од народот
Почитувани,
Историјата памети кој бил на светлата, а кој на темната страна.
Власта која сака да ја смени историјата, очигледно не припаѓа на кормилото на македонската држава и затоа многу брзо ќе биде сменета од народот.
Дали директно под налог на Зоран Заев денеска власта ја брише националната историјата од образовната програма?
Зошто и на Заев би му пречело изучување и запознавањето на идните генерации со македонската национална историја?
Што е целта на образовна програма која што во себе не би содржела елементи на националната историја?
Живеат во Македонија, водат институции, а не сакаат народот да изучува за историјата на Македонија.
Почитувани,
Концептот презентиран од Царовска во овие моменти, вака како што е претставен, е далеку од образовен концепт. Ова е тешка импровизација и смислено исполнување на концесии во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина. Оваа концепција не соодветствува со ниедна образовна програма во светот. Ова е концепт кој што е воден исклучиво за задоволување на нечии дневно-политички желби и потреби на една политичка гарнитура во заминување.
Оваа гарнитура го злоупотребува моментот за потреба од реформа на образовниот систем и во него вклопува интереси кои што се далеку од национални и државни. Оваа гарнитура го злоупотребува името на според рангирањата најдобриот образовен модел. Дури и во финската образовна програма постои историја како водечки предмет заедно со социјални студии од трето до деветто одделение.
Интегрирањето на предметот историја, без притоа да се нагласи дали се работи за националната или светската историја, во предмет општествени науки заедно со географија и со граѓанското образование, не може да се гледа подалеку од денешницата кога македонскиот идентитет, јазик, историја и културната посебност се под огромен притисок. Ова не може да се восприми подалеку од подвиткување под негирањето на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.
Кратењето на наставните програми и вакви општествени зафати кои што пред себе имаат за цел образовни реформи, а не „политички инжинеринг“, мора во себе да имаат вклучено мислењето на сите релевантни научни институции, вклучително и експерти од полето на образованието. Вакви коренити образовни реформи со кои што се доведува под прашање што ќе биде избришано од македонската историја е недозволиво. Што е тоа и кој одлучил како ќе биде скратена програмата од образованието по историја? За кој дел од историјата на Македонија нашите деца и идните македонски поколенија ќе бидат лишени, сите идни генерации да не ја изучуваат вековната македонската историја?
За жал тука препознаваме само обид за расцепкување на историските учебници, фрлање на историски факти во заборав и сето тоа заради прилагодување на историјата кон политичките потреби на СДСМ. Овој и ваков зафат остава впечаток само на рака поставена врз образованието од тешки тоталитарни режими, опишани токму од светската историја.
Бришењето на предметот историја од основното образование доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот.
Повикуваме за повлекување на концептот за образование и веднаш отворање на широка и детална презентација на содржините кои се отфрлени и оние кои би останале во образовниот процес, како и на широка и детална јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите релевантни фактори, институции, институти и научни титули, за да не се случи македонската историја да биде одземена од македонската иднина.
Иванка Василевска, пратеник во Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“