Папата Франциск го распушти целото раководство на „Каритас Интернационалс“ (CI), светската добротворна организација на Римокатоличката црква, по обвинувањата за малтретирање и понижување на вработените.
Меѓу отпуштените раководители на организацијата е и кардиналот Луис Антонио Тагле, кого многумина го сметаат за кандидат за иден папа и кој номинално беше претседател на Каритас, но не беше вклучен во секојдневните операции.
Британските медиуми јавуваат дека одлуката за распуштање на раководството на Каритас беше објавена со папски декрет, објавен од прес-службата на Ватикан.
Во посебно соопштение од Одделот за развој на Ватикан, што го надгледува работењето на Каритас, се наведува дека по супервизијата извршена од надворешен менаџмент и тим од психолошки експерти, откриени се слабости и лоши практики во менаџментот на компанијата.
„Не се појавија докази за финансиско лошо управување или сексуално несоодветно однесување, но беа забележани некои други прашања“, се наведува во соопштението.
Според нив, забележани се неправилности во управувањето со човечките ресурси, како и непочитување на процедурите, што сериозно го нарушило тимскиот дух и моралот на персоналот.
Тие додаваат дека иако финансиските прашања се добро решени, нормите и процедурите за управување мора да се подобрат.
Сегашни и поранешни вработени сведочеа за случаи на вербална злоупотреба, фаворизирање и општо лошо управување со човечките ресурси, што довело до заминување на голем број вработени.
Каритас има седиште во Ватикан и обединува 162 католички организации за помош, развој и социјални услуги што работат во повеќе од 200 земји.