На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 239.283 граѓани. Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 436.072 граѓани, информираат од Министерството за здравство.

Прва доза вакцина во текот на вчерашниот ден примиле 1.995 граѓани, а вкупно се вакцинирале 15.155 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 346.931 дози вакцини, а ревакцинирани се 107.648 граѓани.

Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 процент од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

– Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, велат од Министерството за здравство.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 Арената СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што велат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.