Поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески, вечерва е во полициската станица Кисела Вода откако денеска (5 февруари) Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него за четири кривични дела.
Информацијата дека тој се наоѓа во полициска станица ја потврдија и од Финансиската полиција за државната агенција МИА.
Покрај Мирчески, во полициска станица се наоѓа и второто лице опфатено со кривичната пријава, сопственик и управител на сервис за изнајмување автомобил (рент а кар).
Од утрово, како што објави РСЕ, кај Мирчески се вршеше и претрес.
Кривичната пријава од Управата за финансиска полиција е за делата: примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата.
Примањето мито е поврзано со сомнежи за злоупотреби при пет јавни набавки во периодот од јуни 2021 до јуни 2024 година, кои биле склучени со фирмата на второосомничениот, газда на фирмата.
„Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П.“, соопштија од Управата за финансиска полиција.
Во овие тендерски постапки, според надлежните, тој во вкупно пет изјави за непостоење судир на интереси „внесувал лажни и невистините податоци“, ги потпишувал и овозможил да се користат како вистински. Затоа, Финансиската полиција го сомничи и за делото фалсификување службена исправа.
За проневера во службата, пак, Мирчески е осомничен дека во повеќе наврати користел лажни информации дека се работи за службени патувања и потпишувал барања за резервации на хотели, авио-билети, решенија и налози за упатување на службен пат, изнајмување автомобили (рент а кар) … Со ова, проценуваат надлежните, направена е штета на Буџетот од речиси 1,8 милиони денари (30.000 евра) и поради тоа Мирчески е пријавен за делото проневера во служба.
Четвртото дело, несовесно работење во служба, пак е поврзано со исплаќање плата на пилот кој не ги исполнувал условите за капетан-возач на воздухоплов. На лицето, според официјалните информации, во наведениот период му биле исплатени 3,4 милиони денари (56.000 евра).
Пеце Мирчески беше директор на Службата за општи и заеднички работи во периодот од јуни 2017 до јуни 2024 година. Тој имаше и партиска функција како претседавач на Централниот одбор на СДСМ.