Делегации на Општина Велес и Сојузот на борци, ученици и извидници денеска пред споменикот на Гемиџиите на Кејот на Вардар кај „Мало мовче“ во Велес, со положување цвеќе, одбележаа 116 години од Солунските атентати.
Со пригоден говор, претставници на Општината потсетија дека со серија напади во Солун на повеќе јавни и приватни објекти од 28 април до 1 мај 1903 од страна на оваа анархистичка револуционерна група на млади интелектуалци наречени Гемиџиим сакале да им го свртат вниманието на европските сили за третманот на македонскиот народ и македонското прашање. Нивниот познат слоган бил „Се арчиме за Македонија“.
Во Солунските атентати учествувале Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов, Георги Богданов, Цветко Трајков, … поголемиот дел од нив со потекло од Велес и велешко.