Во наредната учебна 2019/2020 година во Велес се запишани 514 првачиња, што е за 40 или 7,78 проценти помалку од оваа учебна година кога беа запишани 554 првачиња.
Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски информира дека општината континуирано од година во година се повеќе се соочува со проблемот со намалување на бројот на првооделенци и ученици.
Тој појасни дека споредено со оваа учебна со ланската учебна година, најмалку отстапување има во велешкото ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ каде имало 63 запишани првачиња, а во наредната во училишните клупи ќе седнат само 38 првооделенци. Намалување на запишани првачиња има и во ООУ „Благој Кирков“ каде од годинашните 47, за наесен се запишале само 28 првооделенци.
Зголемување на првооделенци има и во ООУ „Блаже Конески“ каде годинава биле запишани 125, додека наесен во училиште ќе тргнат осум прввачиња повеќе, односно 133 првооделенци.
Градоначалникот Коцевски информира дека заради претседателските избори, и покрај препораката на стручната комисија која извршила увид на лице место, времено била стопирана постапката за припојување на двете велешки основни училишта „Јордан Х К.Џинот“ и „Благој Кирков“ во едно ново училиште.
– Тоа се случи и покрај препораката на стручната комисија која изврши увид на лице место, а документите сега конечно се испратени во Владата на Република Северна Македонија, од каде и очекуваме донесување на одлуката за припојување на двете училишта во едно, најави Коцевски.
Тој информира дека летниот распуст ќе го искористат за повеќе инфраструктурни зафати според финансиските можности.
– Капиталните инвестиции во училиштата се надлежност на централната, а не на локалната власт. Минатата година, ние вложивме околу 100 илјади евра за подобрување на условите во училиштата. Оваа година ќе вложиме сериозни финансиски средства за таа намена, но можностите не се толку колку што се потребите, потенцира Коцевски.