Јавната здравствена установа Општа болница Велес потпиша договор за работа со 11 млади приватни специјализанти, од кои девет од неделава се веќе на работа, а останатите двајца кои вчера полагаа и положија стручен испит ќе бидат на работа од понеделник на одделенијата во велешката Општа болница, информира денеска за МИА, директорот Александар Бузалков. Тој појасни дека докторите специјализанти ќе работат под надзор на лекарите специјалисти во велешката болница и во исто време ќе специјализират.
Најголем број од приватните специјализанти кои потпишаа Договор за работа се од интернистичката гранка: Интерно одделение во Општа болница Велес доби 3 специјализанти по интерни болести и по 1 гастроентерохепатолог, нефролог и ендокринолог.
Исто така, двајца приватни специјализанти по гинекологија се распоредени на работа на Одделението за гинекологија и акушерство додека еден психијатар е дел од Нервно одделение.
Останатит двајца специјализанти кои се по гинекологија и радиологија, а кои вчера положија стручен испит и Англиски јазик и кои исто така потпишаа договор за работа, на овие одделенија во болницата ќе дојдат од понеделник .
-Ова е првата група на приватни специјализанти со која се пополнуваат испразнетите места во оваа јавна здравствена установа во Велес. Според проценките на менаџерскиот тим на болницата ние од Министерството за здравство од есен ќе бараме и други решенија за амортизирање на недостигот на здравствена работна сила, од лекари и друг медицински кадар,најави Бузалков.
МИА