Велика Британија предлага после Брегзит да се постават царински станици од двете страни на ирската граница за да се избегне потребата од контроли на границата, но идејата беше одбиена од ирскиот министер за надворешни работи, пренесува ирската РТЕ.

„Велика Британија предложи формирање низа центри за царинење од обете страни на ирската граница како клучен дел од нејзиниот план како алтернатива за бекстоп“, напиша на Твитер уредникот за Европа на РТЕ, Тони Конели.

„Тие центри се всушност царински станици и би биле лоцирани на осум до 16 километри од границата“, појасни тој, додавајќи дека Лондон тоа го предложил во таканаречениот „нон пејпер“, кој го испратил во Брисел.

Британските медиуми информираат дека тие центри за царинење се всушност дел од новите предлози што британскиот премиер Борис Џонсон ќе ги претстави пред претставниците на ЕУ оваа недела.

Предлогот за воведување царински станици веќе го отфрлија Даблин и ирскиот министер за надворешни работи.

Бекстоп, заштитен механизам со кој се сака да се спречи поставување на цврста граница на ирскиот остров, е неприфатлив за заговорниците на Брегзит, бидејќи во тој случај не би имале „одврзани раце“ за склучување договори за слободна трговија со трети земји.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека постоењето на бекстоп не е неопходно за да се постигне договор со Велика Британија за напуштање на ЕУ.