Во третманот на кинеските власти кон муслиманите во провинцијата Синџијанг забележани се сите елементи на геноцид или свесна намера за целосно или делумно уништување на оваа национална, етничка, расна и религиозна група, пренесоа американските медиуми.

Британските пратеници вчера усвоија декларација со која политиката на Кина кон Ујгурите во западниот кинески регион ја оценија за геноцид и злосторство против човештвото.

Декларацијата не ја принудува британската Влада да дејствува, но тоа е уште ден вид  притисок од Велика Британија за кршењето на човековите права во Кина, што Пекинг континуирано го негира.

Претходно, и шефот на британската дипломатија, Доминик Раб, го осуди „варварството“ на кинеските власти кон Ујгурите, најавувајќи забрана за купување на стоки произведени со присилна работа врз муслиманското малцинство во кинескиот регион Синџијанг.

Канадскиот парламент, на почетокот на оваа година, исто така, усвои закон со кој односот на Кина кон Ујгурите го третира за геноцид, а САД соопштија дека го прекинуваат увозот на памук и домати од овој кинески регион, заради начинот на кој кинеската влада се однесува кон Ујгурите.

Првите извештаи за малтретирање на Ујгурите се појавија во 2017 година и оттогаш околу милион луѓе од оваа етничка група се сместени во повеќе од 400 концентрациони логори.

Обединетите нации и повеќе медиуми известуваа за злосторствата, пренесувајќи дека малцинските Ујгури биле изложени на сексуално насилство, присилна стерилизација, тепање и други злоупотреби во логорите, наведува агенцијата Анадолија.

Автономната покраина Синџијанг е најголемата кинеска провинција со претежно муслиманско население, составена од членови на турската ујгурска заедница и етнички Казахстанци.

Во Синџијанг живеат околу 10 милиони Ујгури.