Според новите упатства на британското Министерство за образование, во училиштата во кои ќе се појави еден случај на коронавирус, можеби ќе биде потребно да се изолираат помали групи ученици и наставници до најмногу две недели.
Меѓутоа, доколку бројот на потврдени случаи во текот на двонеделниот период биде два или повеќе, здравствени тимови може да побараат поголем број други ученици да бидат подложени на самоизолација како превентивна мерка, пренесува Скај Њуз.
Доколку се спроведат препорачаните мерки, затворањето на цели училишта генерално нема да биде потребно, а за тестирање на лица кои биле во контакт со заразените можат да бидат задолжени мобилни тимови, се вели во упатствата.
На директорите на училиштата им е укажано дека нема потреба учениците од која било возраст да седат на зголемено растојание откако во септември повторно ќе почне наставата, а ќе се зголеми бројот на ученици во помали групи кои ќе одат на часови без да се мешаат со други групи со це на сите деца да им се овозможи враќање во училиште.
Носењето маски за лице за време на престојот во училиштата нема да биде задолжително за наставниците или учениците, освен за деца над 11 години кои доаѓаат на училиште со јавен превоз, а од наставниците сепак ќе се бара да одржуваат безбедна оддалеченост од своите колеги и постарите ученици, се вели во упатствата на надлежните органи.