Британски научници почнаа со клинички испитувања на нов лек против Ковид-19 базиран на антитела, кој го развија Универзитетскиот колеџ на лондонски болници, Националната здравствена служба (UCLH) и АстраЗенека.
Лекот може да спречи лице кое било изложено на коронавирусот да ја развие болеста предизвикана од него, а имунитетот може да трае помеѓу шест и 12 месеци, пренесува Гардијан.
Новиот лек може да обезбеди моментален развој на имунитет на Ковид-19 и да се користи како итна терапија кај болнички пациенти и корисници на домови за стари лица.
Лекот исто така би бил корисен и за употреба кај членови на домаќинството во кое еден член е заразен со коронавирус, со цел да се спречи другите да се разболат, но исто така и меѓу студентите, кај кои Ковид-19 брзо се шири.
Тимот научници се надева дека тестовите ќе покажат оти лекот обезбедува заштита од Ковид-19 меѓу шест и 12 месеци. Лекот треба да се зема осум дена по изложувањето на вирусот.
Се смета дека лекот може да биде достапен во март или април, доколку добие дозвола за употреба по разгледување на резултатите од испитувањата.