Секој четврти мал британски извозник прекинал со извоз во Европската унија поради бирократија по Брегзит, се нагласува во анализа објавена од Блумберг.
Анализата на Federation of Small Businesses нагласува дека напуштањето на ЕУ нанесува штета за економијата која ионака е доволно погодена од пандемијата.
Според официјалните податоци, извозот е силно намален откако Лондон се повлече од Унијата на 31 декември лани.
– Додека поголемите компании располагаат со ресурси за да ги надминат тешкотиите, помалите трговци се борат дали извозот во ЕУ е доволен за напорите што ги прават, изјави Мајк Чери, шеф на таа Федерација.
Во анализата се додава дека 23 отсто од трговците извозници времено ја запреле продажбата на клиенти од ЕУ, а уште четири отсто одлучиле да ја запрат трговијата за постојано откако новите правила влегоа во сила од почетокот на годината.