Овој ден ни објавува две големи тајни – тајната на најголемата љубов, но и тајната на слободата да се отфрли таа љубов, да се замине од прегратките на светлината во ноќта на предавството.
Пред да тргне на Својата добороволна смрт, Господ ги собира своите ученици, за да ги утврди во верата пред тешките собитија што настапуваат, предавајќи им се целосно до крај и оставајќи им го во завет новото таинство. И еве тука, на таа Тајна вечера, Он го покажува Своето крајно смирение: Учителот и Господ ги преклонува колената и им ги мие нозете на учениците. Сега се преклонува до земјата за утре да биде издигнат на Крст. И од тој Крст да појде уште подолу – во земјата, во гроб. Да слезе дури до длабочината на адот, во местото на заборавот и смртта, и сето тоа поради Неговата неопислива и несфатлива љубов кон човекот. Како да сака да не поучи нас, Неговите возљубени рожби, дека треба и ние со љубов да ги преклонуваме колената пред своите браќа, да го следиме патот што Он прв го мина, пат на служење до смрт, ако сакаме заедно со Него да бидеме вознесени во Божествената слава.
А кога потоа на Своите ученици на трпезата им ги предаде виното и лебот, Он всушност засекогаш ја востанови тајната на светата Евхаристија, предавајќи ни ја преку Своето свето Тело и Крв, животворната сила на Духот, како полнота на Неговата Божествена љубов. Некои, вели Златоустиот, би рекле: „Толку многу копнеам да го видам Христовиот лик, образ, облека! Но еве ти не само што Го гледаш, туку и се допираш до Него, Го вкусусваш…Он ти се дава Себеси, да Го вкусиш и примиш во себе. Помисли со каква чест си удостоен, од каква трпеза се насладуваш! Со Оној Кого ангелите не се осмелуваат ни да Го погледнат, не можејќи да го поднесат сјаењето на лицето Негово, ти се храниш, се соединуваш, стануваш една плот со Него. Кој пастир ги храни овците со самиот себе?“ О неискажливо и недостижно човекољубие Христово!
Но колку што блеска човекољубието на Воплотената Љубов, толку помрачно ни се чини предавството на ученикот: Додека се прекршува лебот и излева виното, Јуда излегува во ноќта. Трпезата на Тајната вечера го отвора патот кон Крстот. Тоа е последната битка на нашиот Господ со силите на злото и смртта. Во таа борба победа може да се извојува само со оружјето на совршената љубов, со сецело предавање на волјата на Отецот: „Ако е можно нека ме одмине оваа чаша, но не како Јас што сакам туку како Ти“. Трепери Гетсиманската градина од силата на Неговата усрдна молитва, а учениците спијат, не ни помислувајќи на она што се прикрадува и приближува во мракот. Ликува злото. Безумниот и среброљубив ученик со целив Го предава Својот Господ.
Бигорски манастир