Европската Унија ќе продолжи да обезбедува финансиска и логистичка поддршка за креирање на квалитетни политики и мерки кои ќе ги унапредуваат системите за социјална и детска заштита и ќе ја подобруваат состојбата на пазарот на трудот преку подигнување на вработливоста на граѓаните и намалување на стапката на невработеност.
Ова е потврдено на денешната прва средба на министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски со амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир на која се дискутираше за актуелната состојба во ресорот и планираните активности во периодот што следи.
Велковски информираше дека во следните три месеци негов приоритет е подигнување на транспарентноста и ефикасноста на работата на министерството и на институциите под негова надлежност, со цел граѓаните да можат едноставно и навремено да ги остваруваат сите права кои им следуваат согласно законската регулатива.
На средбата стана збор и за заедничките активности на МТСП и на Делегацијата на Европската Унија, а амбасадорот Гир изрази уверување дека европските фондови и натаму остануваат отворени за поддршка на проекти и мерки од кои крајниот бенефит е наменет за граѓаните.