Грижата за пензионерите е во неговиот фокус од моментот кога е влезен во ресорното министерство. Ѓоко Велковски беше технички министер за труд и социјална политика, а денес е заменик во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Се заложи за линеарно покачување на пензиите, а во интервју за КУРИР ја образложи таквата одлука.

-Фокусот на пензионерите беше наш приоритет. Тоа го покажавме додека траеше техничката Влада, но и веднаш по составување на владата пред 15 месеци, прва реформа беше покачувањето на пензиите. Ги слушавме луѓето, кои знаат што им треба. Тоа беа пензионерите. Разговаравме со нив, ги имавме сите сознанија, а потоа и институционални сознанија, во каква кондиција е Фондот за пензиско и инвалидско, колку е можноста на државата да партиципира во делот на покачувањето на пензиите. Бидејќи до август 2024-та година, кога започнаа законските измени, беше оној процентуален принцип на зголемување на пензиите, која на ниските пензии кои во тој момент беа меѓу 14.000 и 16.000 денари и имавме повеќе од 150.000 вакви корисници во Македонија, со тогашниот метод земаа по околу 100 денари усогласувања. Нивните пензии не можеа да ја следат целата економија. Инфлациите од 2022-ра беа веќе двоцифрени. Цените во маркетите, на пазар, во аптеки беа покачени со многу проценти на зголемување на нивната вредност. Целата анализа покажа дека треба да го испочитуваме оној принципиелен, линеарен начин на давање на пензиите. Пресметките беа и укажуваа на тоа дека луѓето кое земаат тогаш најниска пензија, со покачувањето од 2 пати по 2.500 денари, односно како целина по 5.000 денари, дека тоа ќе биде реално покачување на нивните пензии и ќе почнеме еден тренд на следење на минималната плата како рамка за минимум за едно семејство, еден човек, да може да опстои тука во Македонија. Пензионерите веќе тогаш беа задоволни, од тоа што го испорачавме како Влада и навистина доколку во едно семејство има двајца пензионери, тоа веќе значи 10.000 денари повеќе во нивните приходи… Се донесе одлука пред изборите да бидат распишани, за уште едно линеарно зголемување на пензиите од по 2.000 денари. Со ова ќе заокружиме за година ипол процес од 7.000 денари по пензионер…, истакна Велковски.

Редовните контроли на терен покажале дека во приватните домови за стари лица има бројни нерегуларности. Во заштита на нашите највозрасни сограѓани, на таквите нерегуларности им беше ставен крајот, а на оние кои не ги почитуваа законите- клуч на врата. Во видео-интервјуто заменик-министерот детално објаснува што било превземено.

Голем е проблемот кој постои во повеќе општини со листите на чекање за упис на дечиња во градинка. Велковски вели дека сериозно е пристапено кон негово решавање, со изградба на нови и проширување на капацитетите на постоечките предучилишни установи.

-Буквално од првиот ден, го фативме овој процес да го решаваме по еден систем на методологија каде што има реална потреба. Се случуваше во Македонија да се градат детски градинки, да се прават доградби и реконструкции, каде што притисокот на листи за чекање бил мал и можел да се реши на друг начин. Потрошени се милиони денари низ годините, за жал. Повторно листата на чекање беше повеќе од 4.000 дечиња, најголем дел во Скопје. Затоа влеговме системски да го решиме проблемот и денес во Скопје се поддржани, односно склучени договори од три начини на финансирање кои ни ги овозможува системот, а тоа е преку нашите капитални инвестиции во министерство, преку програма на Светската банка како детска заштита и владините повици со кои беа поддржани капитални инвестиции. Тоа се 16 објекти во сите општини на градот Скопје. Со тоа сметаме дека конечно, моменталната бројка од 2.000 дечиња на листите за чекање, по година ипол кога ќе се завршат сите овие објекти, ние да немаме листа на чекање. Пример, во Гази Баба со години наназад не биле градени никакви објекти ниту доградби. Денес имало 4 објекти кои се градат во самата општина. Тоа е позитивен пример, дека и потребата е голема, но и на овој начин комплетно ги решаваме листите за чекање. Како позитивен пример ќе ја земам Кисела Вода која со една изградба, две реконструкции, адаптација на објект, ние денеска во Кисела Вода имаме нула дечиња на листите на чекање.  Тоа покажа дела само за една година можеме да ги решиме проблемите на граѓаните…, рече тој.

 

Процесот на лиценцирање на воспитувачки, негователки и други работници за градинките две години беше закочен. Сега, за кус период 600 лица веќе добија лиценца, а се работи на целосно пополнување на празнината во капацитетите.  Велковски вели дека така ќе бидат вработени професионалци и ќе имаме задоволни родители и среќни деца во градинките. Неговиот одговор на ова прашање, слушнете го во видеото.

Еден од предизвиците со кои се соочил е зголемување на платите во секторот социјална заштита. И успеал. Од барање се дојде до значаен договор. Негова цел е професијата стручен работник во Центар за социјална работа да стане профил кој ќе биде ценет во Македонија.

-Предизвикот беше многу тежок, морам да признаам. Буквално цела година работевме на решавање на ова прашање и конечно во август 2025-та година, се случи колективниот договор меѓу министерството и синдикатите. Вработените во Центарот за социјална работа се оптеретени со доста обврски, секојдневни проблеми на семејствата, на индивидуалци кои имаат потреба од делот на социјалната заштита. И навистина влегуваат буквално во кожа на другиот, да ги решат проблемите и доколку не си стручно лице во Центарот не можеш да предвидиш што работат нашите службеници и каков е нивниот притисок по однос на животни прашања. Со години беа оставени со плати на такво ниско ниво. Дојдовме до момент 20 % веднаш да им бидат зголемени платите. Задоволството е навистина големо од тоа што можам да го увидам во Центарот за социјална работа бидејќи сум постојано присутен помеѓу нив. Ќе продолжиме, овие луѓе да бидат мотивирани затоа што само мотивиран социјален работник може да значи здрав социјален живот односно здрави семејства. Тие имаат и други придобивки од колективниот договор, како што се повеќе денови одмор, вонредни активности за нивното семејство. Навистина ја заокруживме годината како Влада и министерство, да интервенираме во делот на задоволство на самите граѓани, но и во делот на задоволство на вработените бидејќи мора да бидат мотивирани овие луѓе за да можат да дадат максимум во тоа шѓто го работат. Се надевам дека и во иднина ќе имаме друг предизвик со овие вработени, да можеме заеднички да ги надминеме. И повторно професијата стручен работник во Центар за социјална работа да стане профил кој ќе биде ценет во Македонија, посочи Велковски.

Во понеделник започнува кампањата за локалните избори. Го прашавме какви резултати очекува во Македонија, а посебно во Чаир – скопската општина од која доаѓа и каде се очекува најголемата пресметка во албанскиот политички блок.

-Анализите се направени, анкети има доста и можеме да ги проследиме, кои покажуваат дека градоначалниците кои доаѓаат од редот на ВМРО-ДПМНЕ, па и оние кои не биле градоначалници до сега, покажува дека овие луѓе посветено 4 години, без никаков скандал, без замерки од страна на граѓаните, навистина се бореа со многу предизвици. Дел беа со закочени сметки во општините, владата не ги финансираше до 2024-та година. Денес поддршката ја имаат општините од Владата, знаеме со каков предизвик се соочува секоја локална самоуправа. Тоа го знаевме од страт кога дојдовме како Влада. Овие градоначалници кои по втор пат “трчаат“ во своите општини, неминовно ќе бидат победници, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ направија многу, се грижат за своите сограѓани и следните 4 години ќе бидат за нив уште еден предизвик. Комплетно ќе го дадат својот максимум да ги реализираат проектите. Во оние средини каде што прв пат имаме кандидирано некого за градоначалник, мислам дека средината ги препознава овие луѓе, тоа го покажуваат анкетите, нивниот рејтинг, нивното присуство помеѓу сите граѓани и ќе биде секако предизвикувачки за нив уште во првиот круг да направат добар резултат. Градот Скопје е битка која сметам дека Орце Ѓорѓиевски како кандидат кој ја трансформираше Кисела Вода во една прекрасна општина, со прекрасни маала, покажа дека човекот е борец и знае како да се грижи за своите сограѓани. Тој е вистински човек за позицијата за која е кандидиран. По сите анкети, сметаме дека уште во првиот круг дека Орце ќе биде победник. Чаир ќе биде интересен, општината од која доаѓам, со години сум бил и советник. Битката ќе се бие помеѓу ВЛЕН и ДУИ, односно Изет Меџити и Бујар Османи. Тие се на терен, агитираат, пробуваат да го добијат секој еден глас. Очекувам да имаат фер борба, да немаат одредени инциденти…, посочи Велковски.

Целото интервју со Ѓоко Велковски за КУРИР погледнете го во видеото