Голем број Бугари сметаат дека живеат во мафијашка држава и ја обвинуваат ЕУ затоа што нејзините пари го стабилизираат корумпираниот режим, пишува германски „Велт ам Зонтаг“ во написот под наслов „Германија го плаќа нашиот отровен систем“.
„Со кого и да разговарате, го слушате истото: Бугарија е контролирана од мрежа исплетена од корумпираната влада и олигарси“, напиша Филип Фолкман-Шлук во репортажата од Софија, пренесува БГНЕС. Тој ги пренесе своите впечатоци за атмосферата на еден од масовните протести. „Некои постери ја покажуваат германската канцеларка Ангела Меркел во пријателска прегратка со бугарскиот премиер Борисов“, напиша новинарот.
Во својата статија, тој истакна дека Бугарите кои протестираат се чудат зошто ЕУ замижува пред проблемите во најсиромашната земја во Унијата. „Многумина се задоволни што некој политичар од Брисел се појавил за да се запознава со безобразието на теренот“, напиша авторот, осврнувајќи се на посетата на германскиот европратеник Даниел Фројнд, кој одржа говор пред демонстрантите во Софија.
За истиот настан пишуваше и Дојчландфунк, каде беше објавено обемно интервју со германскиот европратеник. Во него Фројнд го вели следново: „Во Бугарија значителен дел од европското финансирање прави повеќе штета отколку што носи корист…Тешко е да се види колку пари се загубија поради корупцијата во земјата, вклучително и преку лоша градба, проекти кои беа завршени само пред околу година и пол, но веќе се распаѓаат“, пренесува БГНЕС.
Тој, исто така, обрнува внимание на корупцијата поврзана со европската земјоделска помош за Бугарија, каде средствата главно се наменети за мала група олигарси. „Со европски пари, тие ги откупија нивите. Сега скоро 80 отсто од земјоделското земјиште на земјата припаѓа на околу два проценти од земјоделските компании”, рече Фројнд и додаде дека тие олигарси добиле лавовски удел во европските субвенции. „Тоа значи дека на овој начин не ги штитиме сиромашните, не гарантираме економски развој, парите не се инвестираат, туку се апсорбираат од мала група што ги става во свој џеб“, рече германскиот европратеник.
Даниел Фројнд ја обвинува ЕУ дека не ги користи доволно постоечките инструменти како што се Механизмот за соработка и верификација за да изврши систематски притисок врз Бугарија. Тој посочува дека откако земјата се приклучи на Унијата, притисокот врз неа значително се намали, пренесува БГНЕС.