Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја повика Европа конечно да застане на страната на слободата за да се справи со најголемата закана која го загрижува: заканата одвнатре. Ги критикуваше лидерите на континентот дека се повлекуваат од некои од најфундаменталните европски вредности, првенствено замолчувајќи ги поинаквите мислења, модерирајќи ги содржините и изолирајќи ги партиите кои не им одговараат.
Во својот говор на конференцијата во Минхен, Венс ги обвини европските лидери дека ги напуштиле своите корени како „бранители на демократијата“, улога која успешно ја изведуваа за време на Студената војна а која сега ја имаат претворено во гаснење на поинакви мислења.
Тој во денешната европска политика гледа стари и закотвени интереси кои се кријат зад терминологијата од советското време па се зборува за дезинформации секогаш кога некому не му се допаѓа некое алтернативно гледиште и поразлично мислење.
Венс не може да се начуди како некои во Европа биле одушевени од откажаните избори во Романија или од екстензивното модерирање онлајн содржини што за „американските уши звучи шокантно.“
– Шокиран бев што поранешен европски комесар излезе на телевизија неодамна и беше воодушевен што романската влада ги поништи (претседателските) избори…
Вториот човек на САД вели дека европските политичари се платени од своите гласачи, особено за одредени теми како што е миграцијата и ризикуваат од себе да отуѓат добар дел од популацијата.
Обраќањето на Венс дојде еден ден откако авганистански барател на азил беше уапсен во Минхен поради напад со автомобил во кој беа повредени десетици луѓе на 13 февруари а за кој се чини дека имал исламски екстремистички мотив.
„Колку пати мораме да ги претрпиме овие ужасни неуспеси пред да го промениме курсот и да ја однесеме нашата заедничка цивилизација во нова насока? Зошто се случи ова, на прво место? Тоа е страшна приказна, но приказна што сме ја слушнале премногу пати во Европа и, за жал, премногу пати и во САД“, рече Венс, велејќи дека миграцијата во Европа е „надвор од контрола“.
Тој ги отфрли сите критики за наводното мешање на Илон Маск во европските избори, велејќи дека „ако американската демократија можеше да преживее 10 години гневни испади на Грета Тунберг, вие дечки можете да преживеете неколку месеци со Илон Маск“.
Тој повика на ставање крај на политичката изолација и „санитарните кордони“ околу некои партии како што е германската АфД.