Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс денеска изјави дека по постигнатото примирје со Иран, судирот во Украина е „најтешката војна која треба да се реши“ и упати критика кон европските лидери дека „не прават доволно“ за тоа прашање.
Венс, на предавањето пред студентите во Будимпешта, истакна дека примирјето со Иран е успех на „американската решителност“ и оти САД 14 месеци работат на постигнување на мировен договор помеѓу Москва и Киев и оти е постигнат „значителен успех“.
– Навистина успеавме да ги натераме Украинците и Русите да ги презентираат своите позиции, кои со текот на времето стануваа поблиски. Очигледно, сè уште не сме стигнале до последната фаза од потребниот напредок, но сум доста оптимист во врска со тоа бидејќи војната во основа престана да има смисла – наведе Венс, при тоа ги повика двете страни да не „се расправаат за неколку квадратни километри територија“.
Тој потенцира дека е „разочаран од мнозинството политичари во Европа“ бидејќи не биле заинтересирани за решавање на конфликтот во Украина. Според него, САД добиле „голема помош од некои пријатели“, посочувајќи ги премиерите на Италија и на Унгарија, Џорџа Мелони и Виктор Орбан како примери.
– Орбан беше најкорисен бидејќи ги охрабри САД вистински да ја разберат ситуацијата, да ја разберат и перспективата и на Украинците и на Русите, што им е потребно за да го завршат конфликтот – истакна Венс.
Венс е во дводневна посета на Будимпешта за да го поддржи Орбан само неколку дена пред парламентарните избори.




