Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс денеска изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп верува оти Русија „бара премногу“ во својот првичен предлог за договор за завршување на војната со Украина.

Зборувајќи на настан организиран од Минхенската безбедносна конференција во Вашингтон, Венс ја истакна важноста на директните преговори меѓу Русија и Украина, велејќи дека САД се заинтересирани за долгорочно решение кое би го запрело руско-украинскиот конфликт.

„Секако, нашата реакција на првиот мировен предлог што Русите го ставија на маса беше дека тие бараат премногу. Она што би го кажал е дека Русите бараат одреден сет отстапки за да се стави крај на конфликтот. Не би рекол дека Русите не се заинтересирани за решавање на ова прашање, но мислиме дека тие бараат премногу“, рече Венс.

САД и Украина во март објавија дека Киев е подготвен да прифати 30-дневен прекин на огнот со Русија, меѓутоа, според Венс, Русите заклучиле дека таквата пауза „не е во нивен стратешки интерес“.