Сениште од Битолско

Лазар од с. Логоарди, три саати скраја од град Битола се преселил од село Логоарди за во г. Битола во 1852 година, за тамо да живеит со сета челад, од страв од некој зулумќари. Откоа беше се преселил во Битола, отишол еднаш на село за да си уреди нешто тамо и веќе да си оди во градот за тамо да си живеит.

Дента си свршил работа што си ја имал и си легнал да спиет, ама во ниет утрото порано да стани за по ладо да си оди. Заспал-не заспал, на права полноќ беше се разбудил, без да знаи оти е полноќ. Си зготвил коњо и си го јавнал, та си излегол од село надвор за во град да си иди. Кога излегол од куќа надвор, многу беше му се нажалило чунки тамо беше се родил и беше пораснал, а тогај веќе ќе ја остаел за довека куќата и сета друга стока.

Поодил малку и чул едни тапани и сурли да свират пред него. Бам, бум, тапаните буале, диуру, диуру свирките свиреле и прао в град си оделе. Дупнал коњо Лазар да и втаса тапаните и кога и привтасал донекаде видел и сватои едночудо, што оделе по невеста да земат од Битола.

„Ја чекај да потерам коњов – си рекол сам со себе Лазар – за да и втасам сватоине за и јас да се здружам со нив и да му бидам другар тики в Битола коа ќе влезиме и мене да ме сторат ѓоа сум сват.“

Така си мислел и коњо јако го терал, арно ама сватоите уште поеќе терале од него тики никако не можел да и втасат. Дал вик по сватоите да го почекаат и некој од сватоите му се озвел, та на име му рекол:

– Терај, терај Лазаре, ќе не втасаш.

„Хај анас’н’, овој чоек што ми рече на име, мене ми е познат, фиљан чоек ет, од фиљан село, арно ама лицето оти не го врте да му го видам дали е вистина тој? Кој знај каква е оваа работа?“

Сите сватои што биле со тапаните, сите назад не се пулеле, само напред гледале и вјасале како коа Москоо да и бркал. Тој вјасај, Лазар уште поеќе вјасал и наближил сватоите колку да и слушат кој што зборуал: еден велел вака, друг инаку, треќ се шегуал со Лазара, оти не можел да и втасат. И така од сите муабетите му и слушал, кој како велел, дури и песните му и научил од сурлите што и свиреле.

При толку вјасање Лазар, не би кабил да влези внатре со сватоите и да стори здраво и живо, и да му речи аирлија на зето што бил со сватоите.

Одеќи Лазар по сватоите, дошол близу до селото Бучин и тука чул петлите да пеат често на разденуање и веднаш беше и снемало од пред него сватоите, сосемати сурли и тапани. Тогај беа му се отвориле очите на Лазара и беше видел дека се наоѓа до селото Бучин пет саати далеку од селото негоо, за кај Крушоо патот што одит, не за в Битола.

– Види проклети ѓаоли што ми се праеле сватои како ме излагале за назад од Битола да одам, а не в Битола, птуф натема и тридевет пати. Господи помилуј, Господи помилуј! – си рекол и се прекрстил, та назад се вратил и вечерта во Битола си дошол.

Сениште дење гледано

Во 1852-3 година имавме во Битола со татка ми, тој имаше спицарија, (аптека), а пак јас тутун продавав. Една недела со ред што врна дож и коа престана дождо, беше па облачно; си јавна коњо татко ми за да оди дома (Прилеп). Откоа излезе до Света Недела, го погледал Битолското Поле и што да види – сето каплајсано со вода. Се пули по пато, видел еден сељанин кај јаа на коњ и оди по пато. Го потерал коњо до негде да го втаса селанецо, да заедно да си одат за како кај Тополчани. Го привтасал и дал вик по него. Арно ама тој му се оѕвел и му рекол:

– Ајде, ајде иди по мене, терај, ќе ме втасаш.

Селанецо со црна сакма бил, со црна чалма и со црн коњ, коа му се одгоарал, со лицето не му се вртел на татка ми.
Тој напре, татко ми по него, низ водата што беше покриен пато; овде ќе се удаи, онде ќе се удаи, чунки имаше длабоки ендеци полни со вода и никако не можеше да го втаса селанецо, ем многу близу беше и тој газеше со коњо по тија води, што не беше дошла другаш во Битолако Поле. Коњо му беше многу јунак и голем гајрет му чинеше и пливаше по таа силна вода, арно ама, четири-пет саати требаше да плива и да дојди до мосто тополчанцки што је на црна и отаде мосто веќе немало такваа вода.

Пливајќи коњо, дошол веќе до матицата од Црна и коњо усетил оти тука не се влегуа: ватил да врти налево чунки налево било џадето, селанецо пак се одел пред него. Откоа вати коњо да се врти налево, као да се потсети татко за селанецо оти не ќе биди чоек, ами ѓаолцка превара и на часо се прекрсти и го рекол: „Во имја Оца“ и, за големо чудо, туку загина селанецо од пред него. Тогај дури беа му се отвориле очите и се видел оти од сениште је воден да го удаи во таа голема вода што била во целото поле.

Тогај беше се уплашил јако, чунки го видел мосто многу далеку. Крсти се и Бога, сиромав, татко и пливај со коњо, та дал Госпо, беше испливал и коа беше отишол во Тополчани, се почудиле некој пријатели наши, како се излагал да оди без да се гледа пато од големата вода. Татко ми му кажал оти еден селанец одел пред него и му викал:

– Ајде, ајде, терај коњо, ќе ме втасаш.

И коа дошол до матицата неќел коњо д влегуа во Црна и откоа се прекрстил невиден бис се сторил црнио селанец. Сите селани поверуале оти сениште било тој селанец што го лажел татка ми, препраен на селанец.

По две три недели си дојде татко ми в Битола и ми раскажа за сеништето што му се препраи на селанец и како ќе се удаел.*
_________
* Има некој маѓесници што можеле да го истераат некое сениште од некоја куќа кај што го имат. Сеништето го испраќаат маѓесниците со погача мачкана со мед, со карта вино и пагур ракија.
Коа ќе го испраќала маѓесницата, ќе гледа некој чоек да помини пред неа и да му речи:
– Ај, братко, оди си по овој чоек; на ти погача, карта вино и пагур ракија.
Така велејќи ќе а остаи погачата, виното и ракијата и ќе си одело сеништето по тој чоек. Ако оди чоеко по планина, волко ќе го изеел сеништето. Ете тоа сениште било туѓо напрауште што одело пред татко ми.

Од записите на Марко Цепенков (Подготви Марко Китевски)