Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели порача денеска дека никој нема право да го оддели Косово од САД и дека никој не може да ја оддалечи земјата од патот на евроатлантските интеграции, јави МИА од Приштина.
Весели изјавата ја даде за време на посетата на производен погон во Гњилане, одговарајќи на новинарско прашање за неговата денешна средба со амбасадорот на САД во Приштина Филип Коснет, на која, според медиумите, станало збор за барањето на Вашингтон на суспендирање на таксата од 100 отсто на производите од Србија и Босна и Херцеговина, со цел да се деблокира дијалогот со Белград.
– Дилемите ги затворивме на 12 јуни 1999 година. Народот на Косово, со жртви и со мошне висока сцена, ја протера Србија од Косово. Се разбира, Србија е наш сосед со кого сакаме да живееме во мир. Меѓутоа, Косово засекогаш ќе остане независна и суверена држава и тоа ќе биде нашата ориентација, изјави Весели во Гњилане.
Претседателот на Собранието и лидер на Деморкатската партија на Косово (ПДК), Весели, се залага за исполнување на барањата на Вашингтон за суспендирање на таксата, исто како и неговиот претходник на чело на ПДК, актуелниот претседател на државата Хашим Тачи. Од друга страна, премиерот Харадинај останува упорен во ставот дека таксата ќе се укине единствено тогаш кога Србија ќе ја признае независноста на Република Косово.