Нема сомнеж дека четирите момчиња и рибарот биле убиени кај Смиљковското Езеро на 12 април 2012 година.
Ова денеска се заклучи од сведочењето на вештаците од Судска медицина, на рочиштето за случајот „Монструм”, кои во детали објаснуваат како биле убиени жртвите.
Вештакот Златко Јаќовски посочи дека една од работите која требало да ја утврдат е и дали жртвите биле убиени на таа локација.
-Крв се наоѓаше под нивните тела. Исто така во земјата под некои тела беа пронајдени проектили, рече вештакот, кој одговори на прашањето на обвинителката Фатиме Фетаи дали со сигурност жртвите биле убиени на местото каде што беа најдени.
– Петте жртви се убиени каде што беa пронајдени и во брз временски период – рече Јаќоски, додавајќи дека жртвите починале од повеќе огнострелни повреди, а траги од крв имало под нивните тела што укажувало дека местото на настанот бил токму таму.
Јаќоски рече дека телото на рибарот Борче Стефановски било пронајдено до автомобилот со лицето свртено кон возилото, а во рацете имал клучеви. На хаубата од возилото било најдено мозочно ткиво.
Семејствата на убиените момчиња и рибарот не присуствуваат на денешното рочиште бидејќи, како што претходно истакнаа, тоа е многу болно за нив и не ќе може да ги следат исказите.
Случајот „Монструм” во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО.