НАТО има намера да мобилизира 90.000 војници за најголемите воени вежби на Алијансата од крајот на Студената војна со цел да ја одврати руската агресија, пишува денеска германската агенција ДПА.
Според нејзините информации, сценариото за вежбата „Steadfast Defender“, која треба да започне во Европа во февруари, е руски напад на сојузничка територија што би го активирал членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој гарантира колективна одбрана.
Вежбите ќе се фокусираат на алармирање и распоредување на национални и мултинационални копнени сили во случај на руски напад. Членот 5 беше активиран само еднаш по нападите на 11 септември 2001 година врз САД од страна на Ал Каеда.
Најголемите вежби на Алијансата од Студената војна, наречени Trident Juncture, се одржаа во 2018 година главно во Норвешка, а во нив учествуваа околу 51.000 војници.
Британското Министерство за одбрана неодамна соопшти дека околу 20.000 нејзини војници од морнарицата, воздухопловните и копнените сили ќе учествуваат во овогодинешните вежби.
Членките на Алијансата Естонија, Летонија, Литванија и Полска сметаат дека се на првата линија на одбраната во случај на руска агресија.
Многу земји од источното крило на НАТО стравуваат дека еден ден би можеле да се соочат со слична судбина што го снајде украинскиот народ, кој речиси две години се бори против руската инвазија.
Воениот одбор, највисокото тело на Алијансата, се состана денеска во Брисел.