Вице Заев го тужеше Николоски, но не дојде во судот

/ 16.01.2019

Во Основниот суд Скопје 2 денеска започна судскиот процес Вице Заев против Александар Николоски за наводна клевета.

Тужителот Вице Заев не се појави во судницата на денешното подготвително рочиште, туку неговиот адвокат и роднина Горан Заев.

Тужениот Александар Николоски пред судот рече дека сам ќе се брани и со докази ќе ги отфрли обвиненијата дека извршил кривично дело клевета.

Адвокатот Горан Заев кажа дека ќе бара Николоски да го докаже она што го искажал во изјава дека тужителот преку тендери станал главен бизнис фактор во државата.

„Вице Заев ме тужи за нарушена чест и углед, како што видовте внатре денеска тој не се појави на подготвителното рочиште и прати свој адвокат. Јас решив да се бранам сам затоа што сметам дека немам потреба од адвокати и правна помош затоа што тужбата е класичен „нон-сенс“ и е исклучително политички притисок“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

-Вице Заев ме тужи за нарушен чест и углед затоа што сум кажал дека „про НАТО и про ЕУ вредности не се наместени тендери, бизниси за членови на фамилијата и братот на премиерот кој што станува главен бизнис фактор во државата“, во телефонско јавување во еден медиум и сум кажал дека „и во Брисел и во Вашингтон, тоа не се про Западни, про НАТО и про европски вредности“. Ова е причината зашто го малтретираме судот, зашто се трошат средства, зашто се одзема и вашето време и моето време, но очигледно пораката е друга, пораката на главниот бизнис фактор во државава е до сите бизнисмени во државава да размислат дека ако може главниот бизнис фактор во државава да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот човек на опозицијата, што може да им се случи на нив, потенцираше Николоски.

Тој додаде дека очекува судот да го отфрли ова барање, односно да не ја прифати тужбата.

-Во однос на притисоците од власта повикувам да престанат, ова е една лоша практика која не смее да продолжи да се случува. Сакам да ја потсетам јавноста дека поради ваквите чести случувања во координација и на власта и опозицијата пред неколку години се донесоа измени на законот за клевета, кој што ја опишува слободата на изразување во кој што јасно ставивме граници со цел за да вакви „нос-сенс и глупави“, нема друг збор пријави не се случуваат, но за жал од СДСМ решаваат тоа да не го почитуваат, додаде Николоски.

Вели дека Вице Заев од неговата изјава чувствувал вознемиреност, главоболки, потење и црвенило на лицето.

Следното рочиште е закажано за 26 февруари.

 


Од истата категорија