Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, по повод 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор, денеска упати честитка до сите граѓани на земјата, потсетувајќи на временските констелации кои доведоа до потпишувањето на овој правен акт и важноста од неговото спроведување за перспективата на демократскиот развој на земјата.
За Груби „Охридскиот договор е камен-темелник на сите демократски достигнувања на земјата и иницијатор на поглавјето на европското патување на земјата“.
„Пред 21 година, со потпишувањето на Охридскиот мировен договор во земјава, конечно почна да исчезнува маглата од идеологии на омраза, надмоќ, дискриминација, деструктивни предрасуди за здравата перспектива на иднината што ја зафати нашата земја. Денеска сите сведочиме за револуцијата на прогресивна трансформација што овој правен акт ја предизвика во регулирањето на државата преку воспоставување на неопходните вредности на мир, еднаквост, консензуална демократија и социјална кохезија.
Накратко, Охридскиот мировен договор е камен-темелникот на сите демократски достигнувања на земјата, вистинскиот одговор на повиците за еднаквост, иницијатор на поглавјето на нашето европско патување, штитот на нашата непоколеблива прозападна определба“ рече Груби.
Тој смета дека „никој не изгуби од еднаквоста, напротив, подобро се запознавме меѓусебните вредности и во соживот успеавме да се интегрираме во НАТО, да напредуваме значително на патот на интеграцијата во Европската унија со започнување на преговарачкиот процес“.