Оваа вест, според карактерот треба да биде во политички вести, но според содржината, како релаксирачка, посоодветно е во рубриката за забава.

Веста е следнава: Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ денеска во Скопје се сретна со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– Денеска на координативниот состанок со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ги утврдивме приоритетите за претстојниот период од аспект на ефикасно искористување на средствата од ИПА и продолжување на европските реформи. Како вицепремиер за европски прашања и Национален ИПА координатор еден од моите приоритети е процесот на програмирање и користење на ИПА, од која најголеми придобивки ќе имаат граѓаните, објави вицепремерот Маричиќ на својот официјален профил на Фејсбук.

И се би било во ред, да се среќаваат вицепремиер и министер, но необичното е што двајцата се од истата Влада, во случајов, Владата на премиерот Димитар Ковачевски.

Ајде, нормално е и министрите од иста Влада да соработуваат, да се сретнуваат, да пијат кафе, но необичното е што од тоа се прави „вест за активности“.

Нешто како да не е во ред со оваа објава: На нашиот вицепремиер и министер или им недостига внимание или, пак, немаат поважни работи од тоа да ја информираат јавноста со објави дека се виделе, пиеле кафе или испушиле по една цигара, доколку се пушачи.

Во прилог објавуваме фотографии од денешната срдечна средба на Маричиќ и Бочварски во Скопје.

(Д.Г.)